Џон Илија Апелгрин: Да истресам што ми е на ум додека се уште го имам



ript>

Да истресам што ми е на ум додека се уште го имам:
Зошто имаме здравствен хаос? Затоа што касапот ни е министер за здравство. Се наоѓаме во време на светска пандемија каде сите држави побрзаа да набават вакцини како би можеле нивните економии да се отворат после цела година мачење. Ние сме сакале да видиме какви искуства ќе имаат другите, со кои вакцини ќе се зезнат, па после како главни фраери да набавиме од најбезбедните. Смешка беа колку пати најавуваа и никако да обезбедат вакцини. Едвам поклоните успеаја да ги примат, се некои документи им фалеа, па овие од Хонг Конг не им работи факсот, башка кинеска Нова година беше, русите не се во Нато и глупо е нивна да земеме, освен ако не е. Се колневме во Ковакс системот како да е лидер на партија.. .


 

Прво ни соопштија дека AstraZeneca не се препорачува за лица над 55 години, сега велат не е за лица под 55 или 60 години. Прво Covid-19 предизвикуваше згрутчување на крвта, па сите набавија Clexane, сега вакцината на AstraZeneca предизвикува згрутчување. 15.000 Македонци се вакцинираа со истата вакцина. Касапот рече дека ревакцинација ќе има во Македонија. Помладите од 60 сега кај да одат? Во србија немаше условување, тука како ќе биде, преку матичен, преку мој термин, а доколку не сте осигуран? Сега војскава што е помлада од 60 години со која вакцина ќе ја вакцинирате? А полицијата што е под 60?
На почетокот немојте маски, сега маски и на отворено, Ивермектин ќе ја реши, па никако Ивермектин. Пијте Sumamed, никако антибиотик за вирус. Растојание од 2м обавезно, освен во автобус, самопослуга, банка, шалтери. Никако седење заедно на маса и викање, освен ако седите во кафана и нема жива музика. Додека касапот сам себе си е контрадикторен, народ умира.
А ние никако да разбереме дека е огромна среќа што постојат неколку вида на вакцини, бидејќи можеше да нема ниту една и ќе испоцркавме ко глувци. Никако да разбереме дека пола од нас немаше да бидат живи да прашуваа нашите родители што има во составот на секоја вакцина и да бираа дали им се допаѓа конзервансот употребен во вакцината. Некој спомна дека ќе беше ужасно да се појавеше пеницилинот во време на youtube, се сложувам. Ама сега се смени работата. Ковакс ни даде 24.000 дози од вакцината која никој ја нејќе или така кажаа дека е најефтина. Тоа што половина планета со неа се вакцинира не е важно. Важно е сепак, дека по конечната набавка можеше касапот да се одмори и со мотор да ја изора Македонија.
Направивте избори лани за да можете итно и квалитетно да ја решавате кризата, но штом ве избравме веднаш отидовте на одмор, некако кризата падна за вас во втор план. После се вративте на работа од дома и ви беше чудно што еден куп народ кука дека е останат без работа. Наместо да смислите мерки кои ќе ги опфатат оние на кои навистина им е потребна помош, гладните големи фирми ги наполнивте, а на работниците им останаа сусамот. Промовиравте домашен туризам со фотографии од странство и со постери кои велеа дека не ви требаат туристички агенции за одмор, во исто време кога туристичките агенции останаа со 0 приход. Имавте цела година да стекнете искуство за хендлање на кризава и не научивте ништо. Најновава фора е најјака, многу раширен бил вирусот па нови мерки немало да дадат резултат…па да си чмаеме вака следниве 3 години некои од нас со забрана за работа, додека ви текне дека цели сектори од културата ќе ги изгубите засекогаш и неповратно, зборам за онаа култура која ќе ја чувавте и која е најтесно поврзана со идентитетот македонски кој постојано велите дека го браните. Јако го браните со најмал буџет за Култура.
Македонија изгуби животи колку во 3 скопски земјотреси…И за земјотресот велиме дека бил катастрофален, а пандемијава ни е како настинка, не е катастрофална. Повеќето лидери на држави јавно се вакцинираа за да ја потврдат безбедноста на вакцините, нашиве мува не ги лази. Или не се вакцинираат бидејќи не веруваат во она што пробаат да го уверат сопствениот народ или веќе се вакцинирани, а заборавиле да ни кажат со која приоритетна група. Е затоа ни е хаос, затоа многумина не веруваат во вакцини, ниту во решенија и мерки, затоа што појма немате…и уште се критикуваат луѓето кои отишле на свој трошок во Србија за на српски трошок да се вакцинираат.
Секако дека постојано има нови сознанија за вирусот и мутациите, за можни последици од новите вакцини, за калибрирање на мерки за заштита и тие информации се менуваат секојдневно. Се менуваат и во светот протоколите за третирање на заболените. Проблемот е што нови и контрадикторни мерки тотално паушално им се соопштуваат на народот и се губи доверба во системот кој го плаќаме за да не заштити. Секоја нова мерка или спротивно сознание мора внимателно да се соопшти и да се појасни за секој граѓанин да може да разбере. А да, оној типот што прво се журкаше во Мош на Цетковиќ, па откако убаво си помина реши да им забрани на музичарите да настапуваат, се уште се слика позади касапот на прес конференции. Ни тој нема срам, исто како министерот, па професионално супер соработуваат во корист на „сите“. Лани касапот рече: Нека протестираат музичарите пред инфективна, пред оние што најверојатно се заразиле на нивните настапи и свадби. Еве година дена како никого не сме заразиле, ама некако не се курчеше така кога лекарите од Нефрологија се журкаа кај Баба Цана, па ги заразија своите пациенти. Во неговото министерствување на родилка и собраа 3 органи, оперираат докторки без лиценца, ама мува не го лази…
Народот е болен, сиромашен, без работа, очаен. Ги имаме сите потребни состојки за зголемен криминал во иднина, граѓанска непослушност, недоверба во здравствениот систем и државата. Ама секако нема да има потреба од полиција оти е многу проширен криминалот и нема потреба од возачки дозволи, оти и онака има многу сообраќајки, не мора филтри на загадувачите, и онака ни е загаден воздухот.
ПР-от ви е топ за време на избори, а бос за кризен ПР или тие се супер, а вие не чините и не ги слушате нивните совети или сите политичари и нивниот ПР се супер, ама ние не чиниме. Јас лично знам дека многумина од нас не чинат, ама знам и за вас. Ојте си, срамота е вака да си ги прљате имињата кои ги носеле вашите претци и деца..оти на крај ќе останете сами. Секој нормален ќе проба да избега од казанов во кој не варите 30 години.