Бакрачески: Во животот правев грешки и ми грешеа



Во животот правев грешки и ми грешеа. Ми грешеа соработниците, колегите, познаниците, пријателите, роднините… Некои од нив по еднаш, некои по повеќе пати. Најчесто не ги разбирав причините за нивните грешки. Нити пак причините за нивната неблагодарност или брза амнезија тогаш кога добиваја од мене. А некои добија премногу. Доживеав многу разочарувања од нив. Но и многу поуки од таквите разочарувања. Но најважно од се е дека никогаш, ама никогаш не очајував. А тоа беше така затоа што во такви моменти секогаш во главата ми се вртеше една голема вистина: дека се е така како што треба да биде. Знаев дека секое зошто има и свое затоа. И дека оние работи кои ме разочарале сепак на крај, се случиле заради мое добро. Секогаш, ама без исклучок.


 

И што е уште поважно научив дека ништо не е поважно и повредно од нас самите, од нашите деца и нашето семејство, и нашите најверни другари или другарки. Научив како времето потрошено за други да го трошам за себе. И сватив колку е убав животот тогаш кога јас сум поставен во центарот на својот соптсвен универзум. Само така добив време за она што јас го сакам и оние кои јас ги сакам. И да, нема да кријам, се чувствувам среќен и слободен, релаксиран и задоволен заради оваа голема трансформација во мојот живот, после години и години премрежија, истрошувања и разочарувања од тие околу мене. И затоа како честитка и совет во 2019 ви посакувам да го прославете она што сакате повеќе да го гледате.

Никогаш нема да бидете премногу стари за да поставите уште една цел или да сонувате нов сон. Правете грешки и во новата година затоа што ако правите грешки, тогаш правите нови работи, пробувате нови работи, учите, живеете, одите напред, се менувате себе си и го менувате вашиот свет. Правете работите што никогаш не сте ги правеле порано. Бидете во војна со своите пороци, во мир и љубов со своите најмили и најзначајни, и секоја нова година бидете подобри луѓе од лани.