Александра Андреева: Компилација од три брилијантни изјави на лидерите на “нашата земја”



“Граѓаните не треба да се грижат за поскапувањето на прехрамбените производи”, зашто “минималната плата ќе порасне на 300 евра, а просечната на 500 евра.” Ова е возможно зашто “Македонија, во споредба со останатите земји кои се опфатени, има најмало бирократско оптеретување во однос на бројот на процедури и бројот на часови кои компаниите ги поминуваат за да ги завршат сите обврски кон државата.”


 

Компилација од три брилијантни изјави на лидерите на “нашата земја”. Е сега, јас со моите скромни економски познавања би сакала да поставам неколку прашања.

1. Кога светски економски сили алармираат за инфлација и поскапување на цените, што ќе биде сериозен удар по стандардот на граѓаните, посебно после здравствено-економската криза од која уште и не сме излезени, како баш ние во Македонија сме имуни на тоа?

2. Околу минималната и просечната плата, план некој, стратегија, нешто, било што? За минималната, ако мислите со закон да се наметне додека со прст не мрдате за справување со сива економија и обезбедување на правна сигурност, тогаш тоа ќе значи затварање на стотици фамилијарни компании кои и сега едвај вадат за минималец. (Да не се разбереме погрешно, олигарсите кои злоупотребуваат работна сила и те како треба да се санкционираат). А за просечната знам дека не ви е проблем, кога ќе ги тргнете овие што ги спомнав предмалку и ќе си ги зголемите и онака големите плати на сите ваши управни и надзорни одбори, секако дека ќе добиете просек.

3. Ова со намалениве бирократски процедури за во која држава е? Зашто во Македонија сигурно не е. Виза треба за таму или слободно да пакувам куферите?

Ќе беше смешно, да не беше трагично. И да ве потсетам, во кампања за ЛОКАЛНИ избори сте, намалете со еуфорија, празни демагогии и лажни ветувања. Фала.