Италија има два клуба во полуфиналето на Лига Европа. Пласманите на Рома и Аталанта меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување и донесоа на Италија уште едно место во Лигата на шампионите наредната сезона.
Рома и во реваншот го победи Милан (2:1) и покрај тоа што повеќе од 60 минути играше со фудбалер помалку. Вкупниот резултата во овој двомеч е 3:1 за „волчицата“.
Аталанта загуби на домашен терен од Ливерпул (0:1), но победникот во двомечот го реши триумфот на Аталната во Ливерпул, пред една недела (3:0).
Во полуфиналето е и германскиот шампион Баер Леверкузен. „Фармацевтите“, во 89.минута избегнаа пораз во Лондон од Вест Хем (1:1). Баер ја продолжи неверојатната серија, тимот на Чаби Алонсо нема пораз оваа сезона.
Милан практично беше нокаутиран во Рим по 20-ина минути. Рома поведе со 2:0 со головите на Манчини во 12. минута и Дибала во 22. минута и дојде до вкупни 3:0. Малку надеж Милан доби во 31.минута кога Зеки Челик доби црвен картон.
Сепак и со играч плус на теренот, Милан не успеа сериозно да се закани. Во вториот дел Рома имаше две големи шанси преку Спенацола и Ејбрахам. Се што направи Милан на овој меч е голот на Габија во 85.минута.
Ливерпул и покрај сериозната негатива од првиот меч, се обиде да направи чудо во Бергамо. на крајот не успеа и покрај тоа што со голот на Салах во 10.минута од пенали дојде до предност.
Египќанецот имаше уште една одлична шанса во првото полувреме, но неговиот обид за лоб помина покрај голот. Во продолжение Ливерпул не успеа да постигне уште еден гол, а не создаде ниту голема шанса. На крајот, сепак, Аталанта немаше многу проблеми да ја одбрани големата предност од првиот меч.
Баер во Лондон дојде во одлично расположение. Обезбедена првата титула во клупската историја, без претрпен пораз во сите натпреварувања во сезоната и предност од 2:0 од првиот натпревар.
Но во 14. минута Вест Хем ја преполови таа предност преку Антонио. Но, за жал, на Вест Хем, тоа беше се што успеа да направи премиерлигашот. „Чеканите“ не успеаја да му го нанесат првиот пораз на Баер во сезоната, бидејќи Фримпонг постигна гол за 1:1 во 89. минута.