Фудбалерите на Арсенал успешно ја продолжуваат трката за титулата во Премиер лигата. „Топџиите“, гостуваа кај најголемиот ривал Тотенхем и славеа драматична победа во дербито на северен Лондон.
Натпреварот на стадионот на Тотенхем заврши со резултат 2:3 (0:3).
Арсенал со оваа победа ја зголеми предноста на врвот на табелата на четири бода од второпласираниот Манчестер Сити, но шампионот на Англија има два натпревари помалку.
Се чинеше дека се е решено во дербито на северен Лондон по нешто повеќе од половина час игра кога гостите дојдоа до предност од три гола.
„Топчиите“ поведоа само една минута откако голот на Хаверц беше поништен поради офсајд. Се играше во 15. минута, корнерот го изведе Букајо Сака, а Данецот Пјер Емил Хајберг си постигна автогол.
Тотенхем одговори многу брзо, во 21. минута Ромеро најпрвин ја погоди стативата, а само минута подоцна Мики Ван де Вен ја затресе мрежата на Арсенал, но ВАР утврди дека младиот Холанѓанец бил во офсајд на почетокот на акцијата.
Домашните продолжија да напаѓаат, во 27. минута имаше гужва во шеснаесетникот на гостите, во првиот момент се чинеше дека Тотенхем може да добие пенал (Кулушевски падна), но Арсенал изведе брза контра која ја заврши Букајо Сака.
Само десет минути подоцна веќе беше 0:3. Деклан Рајс изведе уште еден корнер, овој пат од левата страна, а Каи Хаверц беше најснаодливиот играч во шеснаесетникот на Тотенхем.
Второто полувреме започна со отворена игра и шанси на двете страни, а домашните на крајот постигнаа гол во 64. минута по големата грешка на голманот на Арсенал, Давид Раја. Шпанецот буквално му ја подари повратната топка на Габриел на Кристијан Ромеро, а Аргентинецот без мака ја затресе мрежата на гостите.
Во 87. минута беше досуден пенал за Тотенхем, по фаулот на Деклан Рајс врз Бен Дејвис. Сон Хеунг-Мин ја зеде топката и буквално ја заби во мрежата.
Тотенхем се обиде да стигне до сензационално реми, но резултатот повеќе не се менуваше.
Тотенхем со овој пораз ги намали шансите во борбата за место кое води во Лигата на шампионите. Моментално се петти во поредокот со дури седум бода помалку од Астон Вила, иако имаат одиграно два натпревари помалку.