УЕФА и ВАДА нема да го казнат Серхио Рамос


Дефанзивецот на Реал Мадрид и репрезентацијата на Шпанија, Серхио Рамос, нема да биде казнет за прекршување на антидопинг правилата, објави „ЕСПН“.
Германското издание „Шпигел“ пред десетина дена информираше дека допинг примерок на Рамос, земен по финалниот натпревар од Лигата на шампиони 2016/17 против Јувентус, бил позитивен на дексаметазон.
Реал ја демантираше таквата информација, а сега станува јасно дека УЕФА и Антидопинг агенцијата (ВАДА) ги прифатиле објаснувањата на клубот и нема да го казнат Рамос.
Според Реал, тоа што се случило по финалето на Лигата на шампионите е предизвикано од административна грешка, како резултат на која лекарот на клубот го напишал неправилно името на лекот во формуларот за допинг контрола.
Рамос е во Реал од 2005 година, со клубот го освои четири пати шампионатот на Шпанија и Лигата на шампионите, трипати Суперкупот на Шпанија, Суперкупот на УЕФА и светскиот клупски шампионат и двапати Купот на Шпанија.
Триесет и две-годишниот Рамос е исто така светски шампион со шпанската репрезентација (2010) и двократен европски шампион (2008, 2012).