Роналдо „стотката“ за Јуве ја прослави со два гола од пенал за победа кај Џенова




Јувентус стигна до тешка 3:1 победа на гостувањето кај Џенова на „Луиџи Ферарис“, откако Кристијано Роналдо со два гола од пенал во 78. и 89. минута го реши победникот во својот 100. меч во дресот на „бјанконерите“.

По првото полувреме без голови, Пауло Дибала во 57. минута донесе водство за гостите, пред Стефано Стураро да израмни во 61. минута. Роналдо прво донесе водство, а потоа ја потврди победата на тимот на Андреа Пирло, за да се израмни со Златан Ибрахимовиќ од Милан со 10 постигнати голови во Серија А во 2020/21.

Горан Пандев доби шанса во моментите кога Јуве водеше со 2:1 во 82. минута од мечот, но Џенова остана на шест поени на претпоследното место на табелата. Јувентус се четврти со 23 поени, колку што имаат и Наполи пред нив и три поени зад лидерот Милан, кој вечер ја пречекува Парма.