Втор висок пораз на македонските ракометари на Мундијалот во Египет


Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот убедлив пораз на Светското првенство, откако вечерва загуби од домаќинот Египет со 38:19 (20:6) во натпревар од второто коло во групата Г.


 

По завчерашниот пораз од Шведска со 32:20, македонската репрезентација повторно со порозна одбрана и безброј технички грешки во нападот уште на самиот почеток на мечот влезе во резултатска негатива и по само десет минути игра на семафорот стоеше водство за Египет од 10:3.

По тајмаутот на селекторот Данило Брестовац неговите избраници врзаа серија од три голови за 10:6 во 16. минута и тука целосно застанаа. Уследи исклучување и црвен картон за Филип Кузмановски, а Египет до крајот на полувремето возврати со серија од 10:0.

Без резултатска неизвесност во продолжението, Брестовац ги остави на клупата капитенот Кирил Лазаров и Стојанче Стоилов, давајќи им поголема минутажа на помладите во репрезентацијата, во која во Египет донесе седуммина дебитанти.

Капитенот Лазаров, Жарко Пешевски и Никола Марковски постигнаа по три голови во македонската репрезентација, а голманот Мартин Томовски запиша седум интервенции.

Натпреварот од последното коло во групата Г македонските ракометари ќе го одиграат в понеделник од 15:30 часот против репрезентација на Чиле, која подоцна вечерва игра против Шведска.