Премиер лигата го одби предлогот на Ливерпул и Јунајтед



 

Проектот „Биг пикчр“ на Ливерпул и Манчестер јунајтед е одбиен од страна на Премиер лигата на итниот состанок во средата, со што се става крај на идејата за радикални промени во англискиот фудбал, вклучувајќи кратење на Премиер лигата на 18 клубови, укинување на Лига купот и Комјунити шилд и финансиска помош за ниските лиги.

Зад планот стоеја американските сопственици на двата најуспешни англиски клубови, Џон Хенри (Ливерпул) и Џоел Глејзер (Манчестер јунајтед), но 20-те премиерлигаши решија да не го поддржат предлогот и наместо тоа да направат стратешки план за финансирањето на англискиот фудбал.

Главна пречка за усвојување на договорот беше желбата историските големи шест во англискиот фудбал да добијат поголема моќ за утврдување на иднината на спортот.

Премиерлигашите ќе одделат 77.2 милиони фунти за клубовите од третата и четвртата англиска лига (Лига 1 и Лига 2), но не и за клубовите од Чемпионшип, бидејќи нисколигашите повеќе зависат од парите од продажбата на билети.