Пандев, Ангеловски и останатите ќе поделат 4,2 милиони евра–премија од ФФМ



ript>


 

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со 4,2 милиони евра ќе ги награди фудбалерите и луѓето во стручниот штаб на сениорската репрезентација за историскиот пласман на Европското фудбалско првенство што е планирано за идната година.

По седницата на Управниот одбор, од ФФМ излегоа со соопштение дека за пласманот на ЕУРО 2021 ќе бидат доделени 3,2 милиони евра како награда за фудбалерите.

Дополнителни 1 милион евра ќе се поделат за освоеното прво место во групата во Д-дивизијата во Лигата на нации, но и за третото место во квалификациите за ЕП – најдобриот пласман на нашата селекција во едни квалификации.

„Кога ќе погледнеме што сѐ Фудбалската федерација на Македонија доживеа и оствари во 2020 година, навистина има на што да бидеме горди. Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја , никогаш не се размислуваше за пари. Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сѐ што заработивме и сѐ што плативме. На капитенот Пандев и соиграчите им посакувам многу среќа во новиот квалификациски циклус и повторно да ја одведат Македонија на големо натпреварување“ – рече претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Федерацијата од пласманот на Македонија на ЕУРО 2021 заработи 9,25 милиони евра.