Иако атлетика тренира на фудбалско игралиште на лето и спортска сала во зима, Агрон Хајредини од Тетово стигна до златен медал во јуни на Светските олимписки игри за лица со попреченост кои беа во Берлин, Германија. Еден месец по успехот заедно со тренерот Ифраим Љута ги сретнавме како продолжуваат со тренирањето, пак на фудбалскиот терен кај Универзитетот во Тетово.
Тие се среќни што имаат каде да тренираат и помошта што ја добиваат од Универзитетот, но велат, замислете што би се направило кога би имале и атлетска патека во Тетово.
– Ова е стадион кој е со трева и не е рамен, а Агрон има телесен проблем на едната нога, па површината му создава дополнителна тешкотија. Фала на Господ што немаме проблеми досега но на овој терен секогаш е ризично да се тренира. Од друга страна, ова е единствен терен и ние сме благодарни што Универзитетот не остава тука да тренираме. За атлетиката треба атлетски стадион. Атлетска патека со сите стандарди за трчање ни треба. Градот не е мал, голем е интересот но поради условите децата полека и се откажуваат, зошто не можат да ги поднесат на вакви услови на тренинзите. Имаат други избори за некои други спортови, па се определуваат друго да тренираат, вели Ифраим Љута, атлетски тренер.
Тој заедно со тренерот Елмедин Мустафи преку Здружението „Активен живот“ – Тетово за права на лица со посебни потреби, цела година ги одржува атчасовите за спортување на лицата со посебни потреби и соработуваат со Специјална Олимпијада. Како во Берлин така и пред четири години во Абу Даби имаат освоени медали на Светските олимписки игри за лица со попреченост. Годинава Агрон освои медал во категорија скок во далечина од место, а се натпреваруваше и на трката на 50 метри.
– Во Берлин беше многу добро, јас се чувствувам најдобро кога спортува, за малку ќе успеев да земам и втор медал на трката на 50 метри. Златниот медал го освоив во мојата возрасна категорија каде што имаше 16 натпреварувачи од целиот свет. Ова беше добра прилика за нови познанства и пријателства со луѓе од целиот свет, изјави Агрон.
Секоја сабота на овој терен летово, а во другите месеци се работи во спорската сала на средното текстилно училиште.
– Во таа сала колку толку има некои минимални услови. Таму во зима повеќе се тренира, во лето нормално ни треба надвор го користиме овој терен и комбинираме. Реално не сме Сомалија, но секогаш кога ќе бидат подобри услови ќе имаме многу повеќе спортисти. Без услови помалку спортисти се вклучуваат. Ако има потреба подобри услови ќе биде квантитетот поголем. Локалната власт е задолжена бидејќи локалната власт живее од таксите од граѓаните и ако има тендери за да ги земаат паркинзите, тогаш ќе треба има тендери за да се одржуваат и да се градат спортски стадиони. Фактички мора да има некоја рамноправно владеење, да не бидат дискриминирани посебно младите, бидејќи без спорт ние не можеме да многу здраво општество. Тоа е докажано, со векови, цел свет гледаме колку е развиен спортот, обаснува Ифраим Љута.
Атлетскиот тренер освен Агрон ја предводеше и атлетичарката Јулијана Петровска од Скопје која исто така освои сребро во атлетската дисциплина скок во далечина од место. Македонскиот тим во Берлин освои пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.