На Пониква се одржа скијачки натпревар „Осоговски велеслалом“


Вкупно 82 скијачи од десетина градови од државата учествуваа на натпреварот „Осоговски велеслалом“ што денеска се одржа на Пониква.


 

Распределени во пет возрасни категории, цицибани, деца, млади, сениори и ветерани, скоро сите ја завршија трката, што се одржа на ски-патеката 3.

Организатор на настанот беше Општина Кочани во соработка со Скијачката федерација на Македонија и со скијачи рекреативци од Кочани.

– Задоволни сме од одѕивот и бројноста на учесниците кои дојдоа не само од Кочани, туку и од Штип, Скопје, Битола, Виница и други градови. Тоа само ги потврди нашите очекувања дека интересот за скијањето е голем и недостасуваат натпреварувања од ваков карактер. Иницијативата за организирање „Осоговски велеслалом“ е наша, со цел да го обновиме натпреварот што се одржуваше пред неколку децении, а во исто време да ја промовираме Пониква како скијачки центар. Исто така, сакаме да ги мотивираме децата и младите да научат да скијаат, а тие што веќе ја поседуваат оваа вештина, повеќе да ја практикуваат, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

На натпреварот „Осоговски велесламом“ учествуваше и швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада, која успешно ја заврши трката.

Релативно високите дневни температури и топењето на снегот не ги попречија организаторите добро да ја подготват ски-патеката, за што поддршка дадоа и Територијалната противпожарна единица од Кочани и служби од Министерството за внатрешни работи.

По завршувањето на натпреварот и прогласувањето на победниците, најуспешните натпреварувачи во сите категории добија награди и признанија што ги обезбеди Општина Кочани.