Малешевска пинг-понг експанзија


 Пред три години беше формиран пингпонгарскиот клуб Берово, а за кратко време успесите на клубот го заинтересираа и фармацевтскиот гигант Зегин, компанија која стана и спонзор на клубот кој сега е именуван како Зегин Берово.


 

Колку популарноста на пинг-понгот во Берово влијаеше во регионот покажува и формирањето на пинг понгарски клуб во соседната општина Пехчево. ППК Агро Милениум е името на новиот клуб, кој за разлика од ППК Зегин Берово ги нема инфраструктурните проблеми при формирањето, од страна на опрема и простор за тренинг.

Исто така клубот има и спонзор кој ќе помага во развојот на клубот. Радува фактот што уште на самиот почеток клубот брои повеќе од 60 дечиња на возраст до 10 години кои се заинтересирани да тренираат пинг понг.

За експанзијата на пинг-понгот како спорт во овој регион и воопшто во државата заслуга има и федерацијата која има улога во создавање на здрава основа за развојот на овој спорт и на сите нови клубови им помага во рамките на своите можности, а пред сè најголемите вложувања одат на адреса на клубовите кои работат со младите категории на играчи.

-Една од целите на пингпонгарската федерација во блиска иднина е да поттикне формирање на пингпонгарски клубови во сите општини ширум државата каде што ги нема, и вклучување на се повеќе млади играчи во рамките на сите клубови, велат од Македонската пингпонгарска федерација.

Во периодот меѓу двете сезони на списокот на пингпонгарските клубови има уште еден клуб од Скопје, ППК НБА од Шуто Оризари.