Надал во ново четврт-финале во Париз



 

Шампионот од Ролан Гарос, Рафаел Надал стигна до својата 1.001 победа во кариерата, откако го совлада упорниот Австралиец Џордан Томпсон со 6:1/7:6(1) за пласман во четврт-финалето на Мастерсот во Париз, каде што ќе игра против сонародникот Пабло Карењо Буста.

Надал имаше шанса за брејк уште во првиот гем, но Томпсон го одбрани поенот, по што изгуби шест гема во низа за лесен прв сет за Шпанецот. Во вториот сет, Томпсон не дозволи брејкови на свој сервис, а имаше и сет-топка при 6:5, но Надал обезбедни тај-брејк и лесно го освои.

Во четврт-финалето во Берси е и Русинот Данил Медведев, кој се врати од сет негатива за 5:7/6:2/6:2 победа над Австралиецот Алекс де Минаур. Следен за него е Диего Шварцман, откако Аргентинецот со 6:1/6:1 го збриша Шпанецот Давидович Фокина.

Канаѓанецот Милош Раонич го совлада Американецот Маркос Џирон со 7:6(1)/6:1 за пласман меѓу најдобрите осум,  додека француската сензација, Иго Умбер со 6:3/6:7(4)/6:3 го победи поранешниот шампион од САД опен, Хрватот Марин Чилиќ и ќе игра со Раонич за место во полуфиналето.