– Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси се извини на својот клуб ПСЖ и соиграчите откако без дозвола од клупското раководство отпатува во Саудиска Арабија.
„Искрено верував дека ќе имам слободен ден по натпреварот (со Лориен минатата недела) како што тоа беше случај во претходните недели. Ова патување ми беше организирано од порано и не можев да го откажам“, истакна Меси во објава на Инстаграм.
„Им се извинувам на своите соиграчи и во очекување сум на следните чекори што ќе ги преземе клубот“, додаде Меси.
ПСЖ поради патувањето го суспендираше Меси, кој додека трае казната нема да тренира со екипата и нема да прими плата за тој период.
Актуелниот француски првак официјално не соопшти колку трае суспензијата, но светските медиуми наведуваат дека Аргентинецот е суспендиран на две недели.