Марка: Меси може да биде убеден за нов договор со Барса




 

Лионел Меси го крена духот на Барселона постигнувајќи два гола при 5:2 победата на Бетис, и според угледниот весник „Марка“ Аргентинецот дава сигнали дека би можел да остане на „Ноу Камп“ и по крајот на сезоната, но само доколку се остварат неколку услови, и тоа не финансиски.

Меси ова лето го шокираше клубот, навивачите и целиот фудбалски свет со објавата дека сака да замине од клубот каде што ја помина целата професионална кариера. По неуспехот да замине, тој вети дека ќе го даде максимумот за саканиот клуб и сега „Марка“ тврди дека има позитивни знаци за иднината.

Секако, еден од главните фактори за иднината е формата на тимот оваа сезона, бидејќи соработката со Роналд Куман се покажала неочекувано позитивна, но и тоа кој ќе стане претседател на Барселона по оставката на Жозеп Марија Бартомеу. Новиот претседател ќе биде познат во 2021 и ќе мора да има проект за обнова на клубот на полето на играчи и Меси мора да знае кои се плановите за засилувања во следните неколку сезони.

Според „Марка“, засега, Меси воопшто не разговара за иднината, туку се фокусира на фудбалот. Останува да се види до кога.