ЛШ: ПСЖ се одмазди на „Олд Трафорд“, Оливие Жиру даде четири гола на Севилја!




Пари Сен-Жермен стигна до толку посакуваната одмазда против Манчестер јунајтед, победувајќи со 3:1 на „Олд Трафорд“ за да си ги зголемат шансите за пласман во осминафинале во Лигата на шампионите и целосно да ја искомпликуваат борбата за првото место во групата Х, каде што три клуба имаат по 9 поени.

Резултатот значи дека Јунајтед останува прв во групата со 9 поени, но ист број имаат и ПСЖ на второто место и Лајпциг на третото место. Во последното коло Јунајтед гостува кај Лајпциг, додека ПСЖ ги пречекува Башакшехир. Јунајтед има предност во дуелот со Лајпциг што во првиот меч ги совладаа со 5:0, така што реми сигурно ги носи во осминафиналето.

ПСЖ веднаш покажаа дека одат на триумф со притисок на стартот на мечот, и веќе во осмата минута Нејмар ја затресе мрежата на Давид де Хеа со малку среќа. Многу повеќе среќа имаа Јунајтед кога ударот на Маркус Рашфорд во 32. минута заврши во голот на ПСЖ, но Маркињос во 69. минута со уште една мешаница пред голот на Де Хеа донесе супер-важна победа за „светците“. Јунајтед останаа со играч помалку, откако Фред (кој претходно требаше да биде казнет), доби втор жолт картон во 70-тата минута, пред Нејмар во 91. минута да ја потврди победата.

Во групите каде што работите се јасни, немаше големи изненадувања – Јувентус со 3:0 го совлада тимот на Динамо Киев со головите на Федерико Киеза, Кристијано Роналдо и Алваро Мората, Барселона со 3:0 победи кај Ференцварош (Гризман, Брејтвајт, Дембеле), а Челси неочекувано лесно со идентични 3:0 славеше кај Севилја бидејќи Оливие Жиру „збесна“ и постигна четири гола.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 5.КОЛО

ГРУПА Ф

Борусија Дортмунд – Лацио 1:1

Клуб Бриж – Зенит Санкт Петерсбург 3:0

Табела: 1.Борусија Д. 10, 2.Лацио 9, 3.Бриж 7, 4.Зенит 1

ГРУПА Г

Јувентус – Динамо Киев 3:0

Ференцварош – Барселона 0:3

Табела: 1.Барселона 15, 2.Јувентус 13, 3.Динамо К. 1, 4.Ференцварош 1

ГРУПА Х

Башакшехир – РБ Лајпциг 3:4

Манчестер јунајтед – ПСЖ 1:3

Табела: 1.Манчестер ј. 9, 3.ПСЖ 9, 2.Лајпциг 9, 4.Башакшехир 3

ГРУПА Е

Краснодар – Рен 1:0

Севилја – Челси 0:4

Табела: 1.Челси 13, 2.Севилја 10, 3.Краснодар 4, 4.Рен 1

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД – ПСЖ

СЕВИЛЈА – ЧЕЛСИ

ФЕРЕНЦВАРОШ – БАРСЕЛОНА

ЈУВЕНТУС – ДИНАМО КИЕВ