НБА: Двајца кошаркари на Филаделфија отстранети од Ол-стар натпреварот


Поради контакт со фризер, кој е заразен со коронавирус, кошаркарите на Филаделфија, Џоел Ембид и Бен Симонс, се исклучени од Ол-стар натпреварот во НБА лигата што вечерва во два часот по полноќ по македонско време ќе се одигра во Атланта.


 

Двајцата кошаркари на Филаделфија посетиле фризерски салон пред да отпатуваат за Атланта, а по пристигнувањето во градот не биле во контакт со другите кошаркари, јавија вечерва американските медиуми.

Ембид требаше да настапи во „Тимот на Кевин Дурант“, додека Симонс беше одреден како резерва во „Тимот на Леброн Џејмс“.

Раководството на НБА лигата соопшти дека нема дополнително да повика нови кошаркари.

Вечерашниот Ол-стар натпревар ќе има хуманитарен карактер, и „тимот на Дурант“ ќе игра за фондацијата „Thurgood Marshall College“, додека екипата на Леброн за „United Negro College fond“, кои го помагаат школувањето на деца на Афроамериканци.