Со амбиција за пласман меѓу првите три места и враќање во елитната конкуренција, македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва против Чешка го почнува настапот на Европското младинско првенство во Б дивизијата, чиј домаќин е Скопје.
На Европското првенство ќе настапат 19 репрезентации, а македонските кошаркари се дел од групата А во која покрај Чешка за противници ги имаат и селекциите на Словачка, Бугарија и Република Ирска.
Репрезентативецот Теодор Симиќ во изјава за сајтот на КФСМ ги повика навивачите во голем број да ја бодрат репрезентацијата, почнувајќи од вечерашниот дуел со Чешка од 18:30 часот во СРЦ Кале.
– Атмосферата во репрезентацијата е одлична, добро се познаваме. Поврзани сме и играчите меѓу себе, како и со тренерите, а тоа е најважно за остварување добар резултат. Со малку среќа и поддршка од трибините, можеме да оствариме добар резултат. Би сакал публиката да биде наш шести играчи бидејќи тоа ќе ни значи на сите нас. Наши најголеми ривали за врвот се Чешка, Шведска и Финска во борбата за првите три места. Сепак, би сакал да одиме натпревар по натпревар, а потоа ќе мислиме на она што не очекува на крајот, порача Симиќ.