Македонската машка кошаркарска репрезентација замина денеска за Белград каде претстојниот викенд ќе одигра два контролни натпревари против Полска во рамки на подготовките за олимпискиот претквалификациски турнир во Талин од 12 до 15 август.
„Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“, изјави пред заминувањето за Белград еден од поискусните македонски кошаркари Андреј Магдески.
Поради болки во грбот превентивно во Скопје остана репрезентативецот Љубомир Младеновски.
Првиот контролен натпревар против Полска ќе се одигра утре со почеток од 18 часот во белградскиот спортски центар „Ранко Жеравица“, а вториот в недела со почеток во 12 часот.