Четврта прволигашка победа во Б лигата за кошаркарките на „Патриот 2016“


Женскиот кошаркарски клуб „Патриот 2016“ ја забележа четвртата победа во Првата Б лига, откако со убедливи 64:38 денес во Делчево славеше над екипата на Шкупи. По завршувањето на натпреварот, тренерот на домашната екипа Љупчо Петровски истакна дека клучот за новата победа на делчевки бил во цврстата одбрана под кошевите.


 

-Нашите патриотки во доста цврст и динамичен натпревар успеаа со добра одбрана да дојдат и до четвртата победа по ред во второто по квалитет натпреварување и да се искачат на втората позиција со само два бода помалку од лидерот Трокал од Кавадарци. Исто така победата е резултат на разликата која ја направивме во првото полувреме, кое го добивме со 22 разлика, рече Петровски.

Најефикасен поединец на овој натпревар беше репрезентативката Ана Ангеловска со неверојатни 30 поени, додека нејзината сестра Елена Ангеловска, постигна 11 поени.

-Навистина сум задоволен од нивната игра, кои заедно постигнаа и 3 тројки, но секако морам да нагласам дека сите кошаркарки дадоа свој придонес во победата, додаде Петровски.

Во предигра на овој натпревар кошаркарките од Делчево во У-16 конкуренција го совладаа ривалот Трокал од Кавадарци со 59:38.