Хансен: Покрај ракометот ме привлекуваат и други работи

download-1-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Еден од најдобрите ракометари во историјата, Микел Хансен тргна по стапките на својот поранешен соиграч од Пари Сен Жермен, Никола Карабатиќ. Она што вчера го објавија медиумите денес доби потврда. Данскиот бомбардер на прес-конференцијата во Олборг објави дека на крајот од сезоната става точка на својата богата кариера.


„Веќе скоро 20 години ја имам привилегијата да живеам од спортот што го сакам. Ги претставував некои од најголемите клубови во светот. Отсекогаш сум велел дека сакам да претсанам во моментот кога повеќе нема да има радост и посветеност. Сè уште е така, но исто така мислам дека дојдов до точка каде што можам да почувствувам дека има и други работи што ме привлекуваат. Затоа чувствувам дека ова лето е совршено време да ја завршам кариерата. Секогаш ќе имам огромна љубов кон спортот. Мислам дека тоа никој нема да го доведе во прашање“, изјави Хансен, пренесува ТВ2.

Хансен упати посебна благодарност до сопругата, родителите, браќата и сестрите, тренерите, физиотерапевтите и соиграчите. Тој имаше официјален договор со Олборг до летото 2025 година, но нема да го одработи до крај. Данска летово ќе игра на Олимпијадата во Париз и тоа веројатно ќе биде последно натпреварување за големиот ас.

„Многу би сакал да одам на Олимписките игри“, изјави Данецот.

Сега се е до селекторот Николај Јакобсен, кој е на „слатки“ маки да одбере 14 играчи кои ќе ја претставуваат Данска на ОИ во Париз.

Кога новинарите ќе го прашаат Микел Хансен дали по летото повторно ќе игра ракомет, одговори кратко и јасно.

„Не”.

Хансен одигра 10 сезони во Пари Сен Жермен пред да се врати дома во Олборг пред речиси две години. Во минатото играше за АГ Копенхаген, Барселона и ГОГ Гудме, три пати беше прогласен за најдобар ракометар на светот, во 2011, 2015 и 2018 година и освои речиси се што може да освои еден ракометар, Европско првенство, Светско првенство, Олимписки игри, клупски титули каде и да играше, единствено му недостига трофеј во Лигата на шампионите. Тој оваа сезона ќе ја има последната шанса да биде клупски шампион на Стариот континент. Данскиот вицешампион го чека двомеч со унгарски Веспрем во четвртфиналето.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK