– Со доделувањето на признанијата и прогласувањето на најдобрите претставници, заврши дводневната Меѓународна изложба на расни кучиња ЦАЦИБ Маврово-Гостивар 2023.
Титулата најдобро куче (Best Of Shоw) ја понесе големата кралска пудла Jasenjaк out offabolus на Катерина Вретенчиќ од Црна Гора, во конкуренција од над три стотини колку беа пријавени. Второто место го освои англискиот булдог Gnеdoy Style Markus на Горјанска Надежда од Украина, а третото за полскиот гонич на Верон Халина од Полска.
Организатор на меѓународната изложба на расни кучиња е гостиварското кинолошко друштво „Скардус“ и според нив одзивот ги надминал очекувањата. Годинава на деветто издание на манифестацијата надминати се рекордите по бројот на пријавени и бројот на раси.
– Изложбата е интернационална и ја организираме деветти пат по ред. Годинава го соборивме рекордот со пријавени учесници од 24 држави. Имавме 120 раси со над 300 примероци од кои една третина се од македонски одгледувачи, изјави за МИА Миле Алексоски од КД Скардус и меѓународен кинолошки судија.
На ледината, во шумски амбиент во непосредна близина на селото Ново Село посетителите и љубителите на „човековиот најдобар пријател“ има можност да видат и ретки раси како голокожо перуанско куче, американски голокож териер, па и дел автохтоните шарпланинец и Караман.
Меѓу учесниците имаше и една своевидна репрезентација на Украина. Сопствениците на кучиња шампиони од повеќе раси поминале повеќе од 2,5 илјади километри за да учествуваат на изложбата. Некои од нив ги споделија впечатоците за МИА.
-Поминавме долг пат и граници до тука. Многу сме задоволни од приемот и организацијата. За среќа ни се погоди и времето и нам и на кучињата ни го прави престојот пријатен. Има многу пријавени кучиња и конкуренцијата е силна. Во нашата група има повеќе раси, има шицу, пудли, териери Имаме очекувања со оглед дека дојдовме со државни шампиони кои освојувале награди во Украина, рекоа соговорничките Олександра и Руслана од Украина
Изминативе три денови во импровизираниот камп во близина на ресторанот Европа гарден беа дојдени одгледувачи и сопственици на кучиња од Скандинавија како Финска, Норвешка, од средна Европа Полска, Чешка, Словачка, Италија, Шпанија и земји од соседството.