Екипата „Такси МСМ“ е победник на првиот турнир во мал фудбал „Тетово 2023“ што вчера се одигра во спортската сала на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Во финалниот дуел „Такси МСМ“ и екипата „Ресторан Босс“ одиграа нерешено 4:4, а победникот беше решен по изведување на пенали 10:9.
– За најдобар играч беше прогласен Мелуш Керими од „Такси МСМ“, додека за најдобар голман Арбен Асани од „Ресторан Босс“. Не радува фактот што помина се во најдобар ред, без никакви проблеми и инциденти и ниту еден играч не се повреди. Имаше голема посетеност и публика на сите натпревари, а пред финалето ревијален дуел одиграа тетовските фудбалски ветерани, изјави организаторот на турнирот Буран Муслиу.
Во натпреварот за трето место екипата „Селтик“ го совлада тимот „Р-Пласт“ со 4:1. Прво пласираниата екипа доби парична награда од 1500 евра, второпласирана 800 и третопласираната 400 евра.
Турнирот во мал фудбал „Тетово2023“ е нов спортски натпревар којшто почна да се одржува од 15 јуни во спортската сала на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ, а учествуваа 20 екипи составени од по четири играчи и голман.