Нигерискиот интернационалец Рашид Содик е најновото засилување за Работнички. Тој треба да претставува засилување за одбранбениот бедем во составот на тренерот Милан Илиевски.
Рашид Содик потпиша двегодишен договор со Работнички и од денес се вклучува во тренажниот процес на тимот.
– Чест ми е што ќе го носам дресот на Работнички. Кога пристигна понудата, воопшто не се двоумев. Добро знам какво е педигрето на овој клуб во македонскиот фудбал. Се надевам дека ќе дадам придонес во остварување на целите на клубот во наредниот период, изјави Рашид Содик.
На Содик му е позната состојбата во македонскиот фудбал, со оглед дека минатата сезона беше член на ФК Скопје, за кој одигра 16 натпревари.
Рашид Содик кариерата ја почнал во нигерискиот клуб Ремо Старс, а за првпат во Европа пристигна во редовите на норвешкиот клуб Фремад Амагер. Има настапувано и за Аланија Владикавказ и за Виста Геленѕик.