Словенците им посакаа успешен настап на македонските фудбалери на ЕУРО2020



Словенечката фудбалска репрезентација вечерва тренираше на теренот на арената „Тодор Проески“ во Скопје спроти утрешниот натпревар против македонските фудбалери на кои селекторот Матјаж Кек и напаѓачот Јосип Иличиќ им посакаа успех на претстојното ЕУРО2020.


 

– Најпрво честитки за македoнскиот состав за пласманот на Европското првенство. Им посакувам успешни настапи. Станува збор за квалитетна репрезентација против која секој што ќе ги потцени скапо ќе го плати тоа. Што се однесува до утрешниот натпревар очекувам добра игра и од двете репрезентации. Ние бараме нови решија во составот и затоа дојдовме со многу нови играчи, изјави словенечкиот селектор Кек на прес конференцијата во Скопје.

Од своја страна, напаѓачот на калчо лигашот Аталанта истакна дека утрешниот натпревар против учесник на ЕУРО2020 е доволен мотив за словенечката репрезентација да се обиде дојде до позитивен резултат.

– Одиме како и на секој друг натпревар. Ќе биде добар тест за нас, играме против репрезентација која се пласираше на Европското првенство и затоа очекувам добар натпревар. Треба да го покажеме вистинско лице на теренот. Видовме дека македонската репрезентација е квалитетен состав и затоа утре нема да недостасува мотивација во нашите редови, рече Иличиќ.