Симеоне не размислува за евентуален трансфер на Роналдо во Атлетико во пресрет на натпреварот против Хетафе


 Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, пред натпреварот од 1. коло на шампионатот на Шпанија против Хетафе изјави дека не размислува за евентуален трансфер на напаѓачот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо во мадридскиот клуб.

 

 

Претходно „Sky Sports“ објави инфопрмација дека англискиот клуб размислува да го раскине договорот со португалскиот напаѓач.

– Нормално е да имате несогласувања и намери да се позиционирате на едната или на другата страна. Мислам само на Хетафе. Утре започнуваме многу возбудлива сезона, во која ќе учествуваат силни тимови како Виљареал, изјави Симеоне за шпанска „Marca“.

На крајот на јули, Манчестер јунајтед ја одби понудата на Атлетико Мадрид за размена на напаѓачот Антоан Гризман за Роналдо.

Договорот на 37-годишниот напаѓач со тимот од  „Олд Трафорд“ е со важност до 2023 година со можност за продолжување на уште една сезона.

Манчестер јунајтед ја започна новата сезона во Премиер лигата со два пораза во низа.

Атлетико Мадрид во натпревар од 1. коло на шампионатот на Шпанија утре ќе у гостува на Хетафе.