Прва правна победа за Супер лигата


Стопанскиот суд во Мадрид им забрани денеска на УЕФА и ФИФА да преземаат какви и да е мерки против отпочнување на европската Супер лига, јавија вечерва повеќе европски медиуми.


 

Според медиумите, одлуката на мадридскиот суд претставува прва правна победа на „бунтовниците“ кои со формирањето приватно натпреварување предизвикаа голем раздор во европскиот фудбал.

Во пресудата на Стопанскиот суд број 17 од Мадрид се наведува дека ФИФА и УЕФА како и сите придружни национални фудбалски федерации не смеат да усвојат „каква било мерка која го забранува, ограничува или на кој било друг начин условува формирањето на Супер лигата“.

Со проектот раководи претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, а компанијата која е формирана има седиште во Мадрид.

Компанијата се обрати до шпанскиот суд барајќи судска забрана за да ги спречи фудбалските регулаторни тела да преземат каква и да е акција против новото натпреварување.

Сепак, останува отворено прашањето околу овластувањата што мадридскиот суд, кој суди во корпоративни спорови, ги има над швајцарските фудбалски тела. УЕФА има седиште во Нион, додека ФИФА во Цирих.