Почна јубилејниот десетти по ред меморијален турнир во мал фудбал „Бобе Јуниор 2022“ во тетовско Јанчиште


Од вчера во тетовско Јанчиште, Општина Јегуновце започна меморијален турнир во мал фудбал „Бобе Јуниор“, кој годинава бележи и јубилеј десет години од постоењето. Вчера од 19 часот на спортското игралиште во Јанчиште имаше свечено отворање на турнирот и одигрување на ревијален натпревар меѓу ветераните на Јегуновце и Јанчиште како и првиот дуел од групното натпреварување.


 

– На отворањето имавме почесна програма во чест на основачот на турнирот Бобан Симовски-Бобе и неговиот другар Александар Димчевски-Трска. Настанот започна со настап на културно-уметничко друштво „Брвеница“, а почесни гости беа градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиноски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски. Потоа се одигра и првиот натпревар помеѓу екипите на Бобе Јуниор и Јоки Комерц од групата А, изјави Бојан Симовски од организацијата на турнирот.

На турнирот учествуваат вкупно 24 екипи од Тетовско поделени во шест групи, а се играат по две полувремиња од по 15 минути. Првата фаза од натпреварувањето по групи ќе се игра по бод систем, се до 5 јуни по што наредниот ден се продолжува со елиминации во осминафиналето. Турнирот завршува на 12 јуни со дуелите за трето место и финалето.