Фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ го привлече вниманието на се уште актуелниот италијански шампион Милан.
Според „Calciomercato“, играчот од средниот ред се наоѓа на списокот на техничкиот директор на „Росонерите“, Паоло Малдини, кој подолго време сака да го ангажира Србинот.
Милан го чека крајот на сезоната кога ќе биде јасно дали ќе се пласира во Лигата на шампионите. После тоа, доколку Лацио, кој бара 40 милиони евра за играчот, ги намали барањата, може да се направи обид за склучување договор.
Самиот Милинковиќ-Савиќ чувствува дека е време да проба нешто ново и досега одбиваше да го продолжи договорот со Лацио кој е со важност до 2024 година. Раководството на Лацио нема намера да се откаже од него и е подготвено да му понуди зголемување на платата на четири милиони евра годишно и вклучување на клаузула за обесштетување во договорот.
Дваесет и осумгодишниот фудбалер оваа сезона одигра 34 настапи во Серија А, постигнувајќи седум гола и осум асистенции.