Фудбалските навивачи во Шпанија против формирање Супер лига


Мнозинството фудбалски навивачи во Шпанија се изјаснија против формирањето Супер лига на најбогатите европски екипи, покажуваат неколку анкети објавени денеска.


 

Околу 59 отсто од читателите на спортскиот весник „Марка“ се изјаснија против, додека 41 отсто гласаа во корист на формирањето таква лига, покажува интернет анкетата во која досега гласаа 135.393 читатели.

Во анкетата што радиото „Антена 3“ ја објави на својата интернет страница, против т.н Супер лига се изјаснија 71 отсто, додека 29 проценти гласаа „за“ новиот проект.

И весникот „АС“ објави анкета на својот официјален сајт, при што, 55 отсто од читателите гласаа против, а поддршка на новата лига изразија 44 отсто. Во анкетата досега се собрани 6.420 гласови.

Резултатите од трите анкети се спротивни на тоа што избраниот претседател на Супер лигата и прв човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, го изјави доцна синоќа при обелоденувањето на новото клупско натпреварување.

-Фудбалот е единствениот глобален спорт со повеќе од четири милијарди гледачи и затоа наша одговорност, како големи клубови, е да одговориме на желбите на навивачите, изјави Перез, во најавата за формирањето Супер лига во која би учествувале 20 екипи.