Финансискиот фер-плеј „виновен“ за заминувањето на Меси од Барселона


Меси: Бевме слаб тим кој лесно прима голови - МИА

– Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси (34), по повеќе од 20 години минати во каталонскиот фудбалски гигант Барселона заминува од клубот поради финансискиот „фер-плеј“.

 

 

Барселона во четврток вечер објави дека нема да потпише договор со клупскиот капитен поради „економски и структурни пречки“.

На Меси во јуни му истече договорот со Барселона и како слободен играч можеше да побара нов клуб, но желба на двете страни беше да ја продолжат соработката и аргентинскиот фудбалер да остане во клубот во кој дојде на 13-годипна возраст. За таа цел, Меси се согласи на двојно намалување на платата, а даде и согласност Барселона да го усогласи неговиот нов договор со правилникот за финансиски „фер-плеј“ на Ли Лига.

Сепак, тоа на крајот се покажа како неизведливо поради енормно високиот долг на Барселона, кој изнесува повеќе од една милијарда евра.

– И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети. Барселона изразува огромна благодарност до играчот за неговиот придонес и му посакува сè најдобро на личен и професионален план, соопшти Барселона.

Меси во Барселона дојде на 13-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2004 година.

Во дресот на каталонскиот клуб Аргентинецот одигра 778 натпревари и постигна рекордни 672 голови во сите натпреварување.

Маси со Барселона освои десет шампиони титули во Шпанија, седум трофеи во шпанскиот куп и четири во Лигата на шампиони.