Филипс потпиша за Манчестер сити


 Англискиот фудбалски репрезентативец Калвин Филипс (26) ги напушти редовите на Лидс и кариерата ќе ја продолжи во Манчестер сити, објави денеска англискиот шампион.


 

Филипс со Сити потпиша договор на шест години, а британските медиуми наведуваат дека Лидс ќе добие 50 милиони евра обесштетување.

– Сити повторно докажа дека е најдобра екипа во земјата со неверојатен тим и менаџер. Пресреќен сум што ќе имам можност да играм и учам под водство на Пеп Гвардиола и неговиот стручен штаб, и воедно да бидам дел од една фантастична екипа, изјави Филипс, кој за Лидс одигра 234 натпревари и постигна 4 голови.

Филипс е трето засилување во редовите на англискиот шампион ова лето по напаѓачот Ерлинг Халанд и голманот Стефан Ортега.