Скопје, 26.05.2023 година – Во рамки на “Европската Недела на Фудбал“, иницијатива на Специјалната Олимпијада (Special Olympics) која традиционално се одбележува секоја година во мај, Специјалната Олимпијада на Северна Македонија ќе обедини околу 100 Атлети, партнери, поддржувачи и фудбалери, на еден фудбалски терен.
Овогодинешното издание ќе се одржи во соработка со Агенцијата за Млади и Спорт на нашата Држава, а е поддржано и од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА (UNFPA) и од “Лајонс“ клубот (Lions Club) во Македонија. Во сабота, на 27.05.2023 со почеток од 09:30 часот, на фудбалското игралиште во рамки на СУГС “Орце Николов“, Атлетите ќе учествуваат во серија фудбалски активности и натпревар во чии рамки ќе играат за општествена инклузија, за пријателство и уживање во спортот како еднакви, развивајќи разбирање едни кон други.
“Европската Недела на Фудбал 2023“ е иницијатива на Специјална Олимпијада (Special Olympics), која ги поврзува Атлетите преку најважната споредна работа во светот – фудбалот и го насочува фокусот на јавноста врз важноста на инклузивноста – на терен и во секојдневието.
“Традиционално и оваа година проактивно ја одбележуваме “Европската Недела на Фудбал“. Спортот како целина е моќна алатка со чија помош можеме да поттикнеме инклузивност – на терен и пошироко. Во таа смисла, сакам да потенцирам дека не станува збор за третман само за лица со интелектуална попреченост. Инклузивноста во спортот вклучува различни аспекти – со заедничката игра обединуваме играчи на едно место со различни карактеристики, способности и можности и им даваме поттик да го дадат најдоброто од себе во пријателска средина, преку соработка и заедничко откривање. Во оваа насока, заедно со Атлетите ве повикуваме да ги проследите фудбалските тренинг активности и натпреварот кој ќе се игра во сабота и со личен пример да придонесете кон поинклузивно општество.“ – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада на Северна Македонија.
Како иницијатива, “Европската Недела на Фудбал“ основана од Специјална Олимпијада Европа-Евроазија и поддржана ФИФА, на годишно ниво обединува голем број фудбалери и тренери со и без интелектуална попреченост кои, преку концептот на “Обединети Спортови“ (Unified Sports) придонесуваат за зголемување на инклузивноста. Во текот на изминатите 23 години, како дел од овој настан, организирани се повеќе од 7.600 настани и активности на локално, национално и меѓународно ниво, во чии рамки, преку поддршка или директно учество се вклучуваат и националните фудбалски федерации и клубови. Оваа година, се очекува над 35.000 жени и машки спортисти со и без интелектуална попреченост да учествуваат на 350 настани распоредени низ 45 земји во Европа и Евроазија.
Секоја година во континуитет, по примерот на голем број клубови и фудбалери – од италијанската Серија А и Серија Б, германската Бундес лига или полската Екстра-класа, поддршка за “Европската Недела на Фудбал“ даваат и спортисти од нашата Држава.