– Македонската машка кадетска кошаркарска репрезентација загуби и на вториот контролен натпревар во Скопје од Хрватска со 91-67 во рамки на подготовките за претстојниот настап на Европското првенство во А дивизијата.
На вториот контролен натпревар одигран синоќа во СРЦ „Кале“ македонскиот селектор Александар Јованчев им даде шанса 14 кошаркари, два повеќе во однос на првиот тест, кој исто така го добија Хрватите, со 86 – 63.
Следен предизвик за избраниците на Јованчев ќе биде силниот меѓународен турнир од 28 до 30 јули во Скопје, на кој ќе настапат и кадетските селекции на Шпанија, Грција и Израел.
Тоа ќе биде и генерална проверка за македонската репрезентација пред настапот на Европското првенство од дивизијата „А“, кое од 4. до 13. август ќе се игра во Скопје.