Трката за Големата награда на Белгија во Ф1 на патеката Спа-Франкоршамп в недела, би можела да биде една од последните на овој автодром, бидејќи по влезот на американските и петродоларите од Персискиот Залив во Формула 1, овој традиционално европскиот спорт почна да се насочува кон други региони во светот, наведува „Политико“.
Според плановите на сопствениците на Ф1, од следната година бројот на трки во календарот на Формула 1 ќе се зголеми од 22 на 24, но во исто време ќе се намали нивната бројка на територијата на Европа, а ќе се организираат нови Гран при-ја во земји со „подлабоки џебови“.
Но, како што наведува бриселскиот портал, Белгија нема намера лесно да се откаже од трката на Спа-Франкоршамп, која покрај историското значење, носи и значителни финансиски приходи, па така во битката за нејзин спас се вклучи и белгискиот премиер Александер Де Кро.
На 31 мај годинава, Де Кро му испратил рачно напишано писмо на првиот човек на Ф1, Стефано Доменикали, лобирајќи трката на Спа-Франкоршамп да остане во календарот на Формула 1 најмалку уште една година.
Тој во писмото посочува дека на Спа-Франкоршамп има „бројни финансиски инвестиции“, но и „активности и настани надвор од патеката“.
– Белгиската уметност на забавување и дружење без (пре)голема врева, се предности што сакаме да продолжиме да ги ставаме на располагање на Формула 1, наведува Де Кро.
Белгискиот премиер натаму бара од првите луѓе на Ф1 да воспостават „балансиран календар“ меѓу Европа, Далечниот Исток, Америка и Блискиот Исток, но тоа да не биде „на штета на Белгија“.
Писмото на Де Кро вроди со плод, па така минатиот месец беше потврдено дека Ф1 трка на Спа-Франкоршамп ќе се одржи и во 2024 година.
Белгија вложува големи напори да обезбеди одржување на Големата награда на Ф1 на Спа-Франкоршамп на подолг рок, имајќи предвид дека таа генерира значителни приходи за белгискиот франкофонски регион Валонија, некогашниот индустриски центар на земјата, кој сега се соочува со значително поголема невработеност во споредба со холандофонскиот регион Фландрија.
Според анализата на „Делоит“, Големата награда на Спа-Франкоршамп во 2022 година на федералната каса на Белгија и донела приход од 55,1 милиони евра, како и дополнителни 41,8 милиони евра во буџетот на Валонија.
Но, засега останува неизвесна иднината на трката на Спа-Франкоршамп, патека што се наоѓа во близина на градот Ставелот во реонот на Арденската Шума.
Според градоначалникот на Ставелот, Тјери де Бурнонвил низвесноста на трката претставува причина за сериозна загриженост, имајќи предвид дека таа обезбедува 10 проценти од годишниот приход на градот.
Сопственикот на ресторан во Ставелот, Клаудио Сорби смета дека доколку ја нема трката во Ф1, половина од хотелите во реонот ќе мора да се затворат.
Властите на Валонија инвестираа десетици милиони евра во патеката во последниве години, вклучително и за проширување на трибините за дополнителни 10.000 седишта, со што сега долж патеката има место за 380.000 гледачи.
Во Ф1 секој организатор на Гран при им плаќа надомест на сопствениците за потпишување договор за организирање на трка за период од неколку години. Договорот за одржување на Големата награда на Белгија на Спа-Франкоршамп истече во 2022 година, но потоа беше продолжуван во два наврати на по една година.