Општина Центар собира предлози за име на новиот Младински центар


– Општина Центар денеска соопшти дека  собира предлози за име на новиот Младински центар.


 

-Сите граѓани кои имаат желба, можат да го дадат својот придонес, да ја посетат веб страната на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог, стои во соопштението.

Во рамки на проектот за зајакнување на општинските совети, Општина Центар во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој за многу кратко време ќе стане современ општински Младински центар, соопшти денеска Општина Центар.

Проектот за реконструкција и пренаменување на објектот на поранешно „Матично“, кој се наоѓа во општинскиот двор, произлезе од одржувањето на граѓанските буџетски форуми во 2019-та година. На форумите покрај Матично, уште два предлог проекти добија поддршка за реализација – сензорните соби во трите центарски градинки и отворените културни сцени.

Градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, на почетокот на ноември лани ја најавија изградбата на новиот Младинскиот центар, каде после изминати неполни три месеци, градежните работи се на самиот крај.

Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.

Реконструктивниот зафат чини 6.941.282 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во форма на донација.