Курсеви за македонски, албански и турски јазик во средните училишта во Скопје



– Во 23 средни училишта на Град Скопје деновиве ќе почне третиот циклус тримесечни онлајн-курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик, наменети за ученици и наставници. Тие се дел од проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и во Програмата за активности на Град Скопје од областа на образованието за 2021 година.


 

Како што  информира Град Скопје, ќе бидат опфатени вкупно 825 наставници и ученици, дел од нив ќе следат почетни курсеви, а дел продолжителни. Според искажаниот интерес, 296 ученици и осум наставници ќе следат почетен курс за изучување на македонскиот јазик; 148 ученици и 49 наставници ќе следат почетен курс за изучување на албанскиот јазик, додека пет ученици и 14 наставници ќе следат продолжен курс,  251 ученик и 36 наставници ќе посетуваат почетен курс за изучување на турскиот јазик, а 16 ученици и двајца наставници ќе следат продолжен курс.

– Со посетување на курсевите младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација. Целта на проектот е стимулирање на училишните заедници да градат и развиваат позитивни интеракции помеѓу учениците и наставниците од различни етнички заедници и ги следи принципите на владината Стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, соопшти Град Скопје.

Курсевите ги држат наставници вработени во средните училишта и се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје.