Жерновски: Избори ни се потребни што поскоро


Жерновски: Избори ни се потребни што поскоро - МИА

Скопје, 13 мај 2020 () – Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски на својот Фејсбук профил напиша дека избори ни се потребни што поскоро особено во услови кога функционирањето на Собранието е оневозможено.



– Во услови кога е оневозможено функционирањето на Собранието, а со тоа и оневозможено како демократски и претставнички орган да ја контролира извршната власт, избори ни се потребни што поскоро. Ова особено во услови на вонредна состојба, кога ингеренциите на Владата се зголемени и речиси неограничени, вели Жерновски.

Според него, за да ги продолжиме успешно отпочнатите процеси, за да се посветиме на преговорите со ЕУ, за да имаме силна држава и систем, за да ја зачуваме економијата и за да го одбраниме здравјето на граѓаните неопходни се избори.

– СДСМ продолжувајќи да размислува и да се однесува како демократска и државотворна партија, но водејќи сметка и за суверенитетот на власта кој произлегува само од граѓаните и им припаѓа само на граѓаните, смета дека нашите граѓани не смеат да останат без демократски избрани претставници зашто тоа би значело дека немаат начин да го остваруваат сопствениот суверенитет. Затоа, за СДСМ, како партија која ја ослободи „заробената држава“, изборите се нужност, пишува Жерновски.

Таа нужност од избори, вели тој, е единствениот начин за надминување на нова институционална и политичка криза. Токму поради ова, додава, неодржлив е било каков обид за споредба со друга држава која спроведува изборен процес во овој период, бидејќи тоа едноставно не кореспондира со нашата правно-политичка состојба.

– Владата, предводена од СДСМ, со сите храбри и визионерски политики, со чуството на самокритичност, демократичност и досега невиден слух за корекција, успеа да го заздрави системот. Повеќе од тоа, успеа да го изолира авторитаризмот како форма на владеење, па дури и во услови на вонредна состојба, со техничка Влада и нефункционално Собрание, нагласи Жерновски.

Едноставно, вели тој, здравствената криза ни покажа дека државата и системот конечно функционираат.

– За несреќа на државата, го имаме ова и вакво ВМРО-ДПМНЕ, како партија која и понатаму здушно го одмага заздравувањето на системот кој токму поради нив цели 11 години беше во индуцирана кома. Партијата на Мицкоски е уплашена од избори и поради тоа на секој начин се обидува да го опструира успешното менаџирање и целата наша борба околу пандемијата. Посветени исклучиво на својот политички опстанокот, воопшто не размислува за иднината на државата. Како и да е, неминовно доаѓа денот кога граѓаните ќе го споредат и оценат нашето и нивното поведение. Од тоа соочување нема бегање, додава Жерновски на ФБ.