Заев: В недела да го избереме Стево Пендаровски за претседател


За в недела имам три пораки. Првата, никогаш повеќе режим. Втората, заедно да чекориме по вистинскиот, европскиот пат, патот на благосостојба. И третата, в недела на 5-ти, во петтиот месец да го избереме Стево Пендаровски, петтиот претседател на нашата држава. Ова вечерва го порача премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина пред битолчани.


 

Покрај Заев, се обратија и министерот за надворешни работи Никола Димитров и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Пред почетокот на трибината Заев изјави дека најважна е одговорноста кон државата. – Најважно е да излеземе, да гласаме и да избереме претседател на нашата земја. Тоа е најважната порака. Секако, паралелно и еднакво со тоа е да продолжиме напред, да одиме заедно. Овој пат е единствениот пат кој нашите граѓани го очекуваат од самостојноста на нашата земја, ред е да го потврдиме тоа и да продолжиме по единствениот пат кој ќе не носи рамо до рамо со современите европски земји, рече Заев.

Тој верува дека в недела ќе има поголема излезеност и оти ќе победи Пендаровски со убедлива разлика во Битола и во сите краишта низ државата.

– Пораката е да не се коцкаме на 5-ти мај со се што досега е позитивно направено за нашата земја, а знаеме што е направено.  Практично сме де факто членка на НАТО, за помалку од два месеца ќе го добиеме датумот за преговори, имаме историски договори со Бугарија и со Грција, го затворивме Рамковниот договор и не смееме да дозволиме спротивната опција да добие мнозинство што ќе значи враќање назад години, а можеби и децении. Претходниот режим знаеме во што ни ги претвори нашите животи, знаеме дека Македонија беше изолирана држава. Со оваа власт и со гласање за број 3 можеме да одиме само напред, изјави Пендаровски.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, говореше за значењето на НАТО интегрирањето и посочи дека со зачленувањето во НАТО, темелите и покривот на нашата куќа се сигурни и безбедни засекогаш. Но, тоа сега, како што рече, го знаат и меѓународните компании кои во стабилна куќа одлучно инвестираат.