Заев најави дека не сме далеку од договор со Бугарија, опозицијата бара со декларација да се утврдат позициите


Премиерот Зоран Заев вчера најави дека не сме далеку од договор со Бугарија. Тој рече дека не се разговара за отстапки, туку за решенија меѓу двете страни.


 

„Постојат начини како тоа да се реши. Секако, уште еднаш потенцирам, драго ми е што Бугарија го признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност, а верувам низ тие формулации ќе се изнајдат и решенијата заради тоа што постојат решенија, секако внимавајќи едни на другите како страни во договорите – ние на бугарската страна, а бугарската страна да внимава на нас. Тоа го прават пријателите и верувам дека покажеме уште еднаш дека сме големи пријатели“, нагласи Заев, додавајќи дека се надева на средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, до вториот Совет на министри во декември.

Борисов вчера пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера изјави дека подава рака за дијалог.

„Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни“, изјави Борисов.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение прашува каква понуда за нов договор овие денови дал Заев до Софија и дали се нуди нова промена на Уставот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, потребно е да се изгласа декларација во Собранието, по која ќе се водат преговорите со Софија.

„Ако Заев е за зачувување на македонскиот идентитет и јазик како што формално тврди нека престане со тајните разговори, ајде да изгласаме декларација во Собранието по која ќе се водат преговорите со Бугарија. Но, Заев бега затоа што Заев ветил работи кои што сега не знае како да ги исполни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Американската амбасадорка во земјата, Кејт Мари Брнз, изрази надеж дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон Европската Унија.

„Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме првата меѓувладина конференција до крајот на годината. Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес“, изјави американската амбасадорка.

Според неа, билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.

„Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите“, изјави Брнз.