Заев – Јанша: Взаемната соработка и поддршка на двете земји е влог во европската иднина на С. Македонија


Премиерот Зоран Заев, на маргините на Самитот на НАТО во Брисел, оствари средба со премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, на која изрази благодарност за континуираната поддршка на Словенија за процесот за евроинтеграцијата на нашата земја, која уште еднаш беше реафирмирана на последната сесија на процесот Брдо-Бриони со декларацијата за важноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Премиерот Заев ги оценил како извонредни напорите на претседателството на Португалија со Европскиот Совет и понудениот предлог да се деблокира пристапниот процес за нашата земја и истакнал дека предложените решенија ги имаат потребните елементи да продолжи дијалогот Скопје-Софија и да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ како чекор кон исполнување на безусловната препорака за почеток на преговорите со Северна Македонија.
-Во однос на билатералните односи, како заеднички интерес на оваа средба, двајцата премиери изразија подготвеност да ги забрзаат подготовките и за првата заедничка седница на владите на двете земји, од која се очекува да биде поттикнат потенцијалот од економските врски, како и интересот и подготвеноста на деловните заедници на Северна Македонија и Словенија за подинамична соработка, информираат од Владата.
На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи било истакнато задоволството што интересот за инвестиции на словенечката деловна заедница е насочен кон поттикнување соработка во областа на банкарскиот систем, земјоделството, животната средина, енергијата, дигитализацијата, туризмот, особено во користењето на термалните води, што се совпаѓа и со интересите на Северна Македонија за стратешки развој во овие области.