Влада: Реформата во образованието се носи исклучиво низ јавен и отворен процес


И Владата и МОН остануваат на ставот дека реформата ќе се носи исклучиво низ јавен, аргументиран, критички и отворен процес, бидејќи во основата на оваа реформа се токму критичкото мислење, разбирањето и прифаќањето на различни, но добро аргументирани решенија.



Ова е заклучокот по  денешната презентација на основите на образовната реформа пред претседателот на Владата на Зоран Заев и пред членови на кабинетот на премиерот што ја направија министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на Работната група за реформи во основното образование.

Премиерот Заев, информираат од владината прес-служба, на средбата нагласи дека Владата, Министерството за образование и наука, како и Работната група остануваат на ставот да ги поттикнуваат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да придонесат со свои предлози, сугестии, коментари и критики преку активно учество во тековните јавни расправи на МОН, како и со испраќање писмени предлози до надлежното министерство и Бирото за развој на образованието.

Тој изрази поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми, осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности.

На презентацијата посебно внимание беше ставено на фактите кои говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашни институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и пред сѐ мислењата на учениците.

Од анализите кои се користени утврдено е дека е потребно образование кое учениците го доживуваат како корисно и интересно, а не напорно и досадно, образование кое ги учи децата да учат преку разбирање и сопствено критичко мислење, а не „на памет”.

За време на дебатата поврзана со презентацијата на основите врз кои се подготвуваат образовните реформи, премиерот Заев и министерката Царовска потенцираа дека оваа Влада реформите ги спроведува низ принципот “прифаќаме отворено да дискутираме”, наспроти принципот “одбиваме промени”.