Вицепремиерот Димитров од утре во посета на Германија, предвидена средба со новата министерка за Европа, Ана Лирман


Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров од утре ќе престојува во дводневна посета на Сојузна Република Германија.
Според агендата, предвидени се средби со високи претставници на новоформираната германска Влада, вклучително и со новата државна министерка за Европа – Ана Лирман,  која на првиот ден од преземањето на функцијата од Михаел Рот, ќе се сретне со вицепремиерот Димитров.
Димитров, како што информира Секретаријатот за европски прашања, ќе ја искористи посетата за да уште во првите денови од мандатот на Владата на канцеларот Шолц, да го насочи вниманието кон европското досие на Северна Македонија и ангажманот на Германија во регионот.
Прашањето за евроинтеграцијата на регионот, Димитров ќе го покрене и на годишната конференција на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), клучен настан на европскиот политички календар што ги обединува највисоките носители на одлуки на континентот, еминентни интелектуалци, претставници на невладиното општество и тинк-тенк заедницата.
Вицепремиерот Димитров во мај годинава стана официјален член на ECFR, водечка меѓународна тинк-тенк организација, посветена на европската надворешна и безбедносна политика.