Тренчевска: Унапредувањето на правата на работниците е на прво место

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска изјави дека при изработката на нивиот закон за работни односи кој ги засега правата на работниците не треба да се брза. На нацрт-верзијата, нагласува, работна група составена од сите релевантни чинители кои се засегнати од него работи веќе четири години. Таа појаснува дека во тек се јавните расправи кои се организираат со цел да се слушнат мислењата на сите и посочи дека ако има потреба по завршувањето на определениот број на расправи ќе се организираат дополнителни.

-Покажавме разумност со предлогот кој е вклучен во нацрт-верзијата од законот. Кога се работи во работна група мора да се има компромис. Затоа се одлучивме за договорите за работа на определено време да бидат на две години и да нема можност за потпишување на анекс на договор повеќе од три пати, рече министерката во однос на предлогот за договорите на определено работно време.

Таа во разговорот на утринската програма на Слободен печат, истакна дека во делот на колективните договори во моментот предлогот е тие да се склучуваат на две години и плус да важат уште една година. Откако ќе поминат овие три години, нагласува, тие повеќе да не важат.

Во однос на општиот колективен договор, пак,  таа истакна дека како Влада изминатата година биле спремни да го потпишат, но оти поради ниското ниво на флексибилност од страна на Сојузот на синдикати не бил потпишан. 

Facebook
Twitter
LinkedIn