Тренчевска: Грижа за граѓаните, заштита, поддршка во секој период во животот е приоритет на Владата

20230611143647_big_730x400_62
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Грижата за граѓаните, заштитата, поддршката во секој период во животот, но и при секој предизвик, е приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Ова го истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на трибина на СДСМ во Кавадарци,  на тема  „Континуирана грижа за вас“, во организација на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

– По устав, Република Северна Македонија е социјална држава и токму тој факт ме прави горда што седам тука пред вас и што ќе набројувам успеси токму во ова поле. Вложувањето во човечкиот капитал за нас не е празна флоскула, туку цел на која посветено работиме. За нас грижата за поединецот е грижа која започнува од раѓање, предучилишно воспитување, вработување и интеграција на пазар на труд, па се до пензионирање. Секој граѓанин има посебна приказна исполнета со различни предизвици, а токму системот на социјална заштита е оној кој е креиран да биде флексибилен и да одговори на секоја индивидуално барање од него, изјави Тренчевска.


Таа рече дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија јасно покажа посветеност и грижа за граѓаните со формирањето на Влада во 2017 година. Тренчевска ги спомена големата реформа во социјалната заштита во 2019 година и зголемувањето на правата од социјална заштита за речиси 100 отсто, а гарантираната минимална помош (ГМП) за 300 проценти. Министерката додаде дека реформата на системот за социјална заштита е обележана од процесот на деинстиционализација. Согласно Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027), потсети таа, големите и гломазни установи за сместување на деца лица со попреченост, деца без родителска грижа и деца во судир со законот и деца во ризик, се трансформираа во живеење во заедница со 24-часовна поддршка.  Тренчевска потсети дека согласно со реформата на системот за социјална заштита од 2019 година и процесот на деинстиционализација, воспоставени се 74  станбени единици за живеење со поддршка. Тоа значи опфат на 275 лица со попреченост во станбени единици. Таа додаде дека во делот  на поддршка на згрижувачките семејства како нова форма, првпат е предвиден Центар за поддршка на згрижувачки семејства кој треба да  врши промоција на услугата згрижување во семејство.

– Од 2021 до 2023 се отворени три вакви центри. Детскиот дом „11 Октомври” Скопје , Домот за доенчиња и мали деца во Битола и СОС Детско село и да ја обезбедуваат поддршката на згрижувачките семејства на цела територија на нашата држава. Овие центри вршат промоција на услугата згрижување на семејство, проценка, обука на идните згрижувачки семејства, како и следење и давање на поддршка на постојните згрижувачки семејства. Во моментот во нашата држава има 360 згрижувачки семејства во кои се згрижени 608 деца, а знам дека можеме уште повеќе, нагласи министерката.  Таа додаде дека до 2017 година згрижувачите примаа помош од државата од 6250 денари за едно згрижено лице, додека денес во 2023 година тоа изнесува 18.112 денари.

– Со големата реформа на социјалната заштита во 2019 година се воведуваат новини во паричните права, со цел да се зголеми поддршката на биолошките семејства кои се грижат за своите деца или возрасни членови со попреченост: Надоместокот за попреченост (за лица со физичка попреченост и оштетување на видот и слухот и интелектуална попреченост). Надоместокот на плата за скратено работно време наменет за родители на деца со попреченост или со хронични заболувања изнесуваше 4.800 денари, додека денес со измените се зголеми до висина на 50 проценти од просечната нето плата во земјата.  Конечно се воведе  траен надоместок, наменет за родители на деца со попреченост кои грижејќи се за своето дете со попреченост, не оствариле право на вработување и последователно, на пензија, изјави Тренчевска.   Таа рече дека социјалната сигурност за стари лица моментално изнесува 7214 денари, додека 11.655 стари лица ги примаат овие средства на нивната сметка. Во однос на користењето на услугата лична асистенција, додаде,  со измените на Законот за социјална заштита во 2022 година, оваа услуга стана достапна од шестгодишна возраст па натаму. Министерката рече дека нови услуги за стари лица и лица со попреченост се воведоа преку проектот за подобрување на социјалните услуги за имплементирање на долгорочна помош и нега во домот.  – Владата ја препозна потребата од долгорочна помош и нега  во нашата земја и преку проектот за подобрување на социјалните услуги во овој домен се постигнати следните резултати. Првиот повик се спроведе во 25 општини преку 21 давател на услуги, ја даваат услугата помош и нега во домот,  276 сертифицирани негуватели се обучени и ангажирани од кои 66 отсто биле долгорочно невработени. Од вкупниот број на негуватели, 15 проценти биле корисници на гарантирана минимална помош, повеќе од 776 корисници континуирано ја добиваат услугата. Покрај услугата помош и нега во домот, еден Центар за дневен престој за стари лица со активно стареење во општина Чаир функционира и ја дава услугата за 30 корисници, рече таа.   Со вториот повик пет организации се во процес на воспоставување на услугата, кои откако ќе се лиценцираат, услугата ќе ја даваат во 14 општини и повеќе од 200 корисници се очекува да ја добиваат.   – Исто така уште три центри за дневен престој за стари лица со активно стареење се подготвуваат за лиценцирање, во кои околу 100 лица ќе ја користат услугата. Кога зборуваме за поддршка, не може да ги изземеме пензионерите.  Ние во континуитет се грижиме за сите пензионери, кои во својот работен век придонесувале и вложувале во градењето на заедничката држава, да  имаат услови за достоинствени пензионерски денови и пристоен живот, нагласи министерката.

Таа подвлече дека од 2017 година до денес, просечната пензија се зголеми за рекордни 5.262 денари, во 2017 година таа изнесуваше 13.954 денари, додека денес таа изнесува 19.216 денари, од донесувањето на новата методологија и усогласувањето кое ќе биде во септември, пензиите ќе се зголемат за над 25 отсто. Министерката рече дека минималната пензија во 2017 година изнесуваше 8.571 денари, додека денес таа изнесува 12.493 денари. Тренчевска додаде дека прашањата во однос на најниската пензија, која согласно статистиката е со тенденција за нејзино постепено зголемување, ќе биде предмет на разгледување во идниот период, за чие имплементирање е потребна сериозна анализа.  Таа нагласи дека вредноста на новиот оперативен план за 2023 година е 32 милиони евра и е за два милиона евра повеќе од минатата година. Вкупен опфат на невработени лица ќе биде 18.056 лица и е за 3.371 лица или 20 отсто поголем од минатогодишниот план.  Целта е, додаде,  да ги поттикнеме   младите и другите групи на невработени лица да се вработат и постигнат достоинствени работни места во државава.  Тренчевска рече дека особено е важно дека е зголемен  опфатот на лица со мерката самовработување со доделување на грант на рекордни 2078 невработени лица. Исто така, имајќи ја предвид атрактивноста  (посебно за младите лица) и можностите  што ги нуди  ИТ секторот  (брзо вработување, почетна висока плата,  одржливост на вработувања), оваа година  за обуки за развој на напредни дигитални вештини се одвоени речиси двојно повеќе средства и опфат од 805 лица (минатата година опфатот беше 424 невработени лица).  – Гаранцијата за млади е мерка на која сме најгорди како држава. Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во Гаранцијата за млади. Во Гаранцијата за млади во 2022 година беа вклучени 20.185 млади невработени лица (10.316 жени) од кои 7.419 се вработиле, а 1.287 лица биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување,  имаат за цел да ја зголемуваат вработливоста на младите лица. Гордо можам да кажам дека оваа година работиме посветено на активација на секој корисник на системот на социјална заштита на пазарот на труд. Повиците од бизнис секторот за недостаток на вработени, но и бројот на лица кои се дел од системот на социјална заштита беше мотив, во партнерство со Светска Банка, но и други меѓународни партнери, да започнеме со имплементација на различни видови мерки на кои крајна цел им е интеграција на пазар на труд на маргинализирани категории на граѓани, потенцираше министерката за труд и социјална политика.   Поддршката која ја добиваме од меѓународните организации, како што рече, јасно говори за нашата доследност, исполнителност, но и искрена посветеност на подобрување на условите за живот во нашата држава за секој граѓанин.  – Новиот Закон за родова еднаквост кој деновиве направи вистинска конфузија кај многумина, го оставив за крај, но не затоа што е помалку важен од сите претходно наброени реформи, туку затоа што сакам да му посветам посебно внимание. Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење за целосно надминување на пречките и создавање услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, рече министерката.  Таа додаде дека основна цел на родовата еднаквост е остварување на еднакви можности на мажите и на жените, промовирање на начелото на еднакво учество на жените и на мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на сите права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали, преку кои тие придонесуваат во општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултатите произлезени од тој развој.  – Предлог законот ќе овозможи усогласување со новите ЕУ директиви во насока на поефикасна легислатива за родова еднаквост и ќе придонесе за јакнење на владеењето на правото, изградба на независни институции и функционален систем на национално и локално ниво. И за крај можам да кажам дека не сопираме тука. Наброивме многу победи и новини, но ни претстојат уште повеќе на патот кон Европската Унија. Одлучни сме, решени и посветени, токму со грижа на сите, да обезбедиме европска иднина за секој од нас, нагласи Тренчевска на трибината во Кавадарци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK