Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека секое дејствување спротивно на законот треба да резултира со одговорност, без разлика дали се работи за политичари или не.
Тој на денешната завршна средба на тема за семејно насилство одговорајќи на новинарско прашање за тоа како ги коментира информациите за незаконски постапувања од страна на некои функционери од коалицијата на СДСМ, рече дека одговорнсот мора да има, но дека за политичка одговорност сепак одлучува премиерот.
-Во однос на се што произлегува, а е спротивно на законските одредби секако дека треба да има одговорност. Тука не може да станува збор дали се работи за политичари или за кој било друг, мора да бидеме сите еднакви да нема селективност во делот на спроведувањето на правдата и на крај да имаме резултат. Во однос на политичките и морални одговорности сепак тоа е работа на премиерот кој оценува на кој начин ќе се спроведат ваквите активности, дециден е Спасовски.
Во однос на случајот и истрагите за градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко откако пред една недела беше ставен на Црната листа на САД посочи дека МВР како институција е подготвена да постапува по сите наредби кои ќе ги добијат.
-Ние дадовме многу конкретни информации во однос на оваа состојба, во однос на предметите кои се водат беа изнесени точно и од страна на Јавното обвинителство во делот на овие постапки. Така што, ние сме тука како институција да постапуваме по сите наредби кои ќе ги добиеме не само за конкретниот случај туку и за сите останати, меѓутоа, да, има случај за ова и се наоѓа пред обвинителство, изјави министерот Спасовски.
Тој смета дека има можност да се отвори постапка за проверка на финансиските текови околу продажбата на ТЦ „Соравија“, со која како што беше објавено вчера, со 39 проценти удел ќе се стекне Дрин Ахмети, а за што имаше реакции од опозицијата поради тоа што е внук на Али Ахмети, претседател на ДУИ и коалициски партнер во Владата.
-Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред се финансиските текови, и секако дека Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и на основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи, изјави Спасовски, на новинарско прашање дали МВР ќе провери како Дрин Ахмети се стекнал со 39 проценти од „Соравија“.
Спасовски во коментар за најавениот собир во организација на МПЦ-ОА во знак на протест од предложениот закон за родова еднаквост, посочи дека законот се уште не е влезен во владина процедура и оти треба да се отвори широк дијалог.
-Сметам дека треба да се отвори широк дијалог во однос на овој закон, и на крајот да ги постигнеме очекувањата на општеството. Кога ќе се затвори целосната дебата, тогаш законското решение може да оди во владина и во собраниска процедура, рече Спасовски.