Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со градоначалниците на турскиот град Тургутлу, Четин Акин, на општината Каршијака, Џемил Тугај, на општина Чашка, Горан Стојановски, како и со претставници од здруженија на македонски иселеници.
Како што се појаснува во соопштението на МВР, тема на средбата биле граѓаните со потекло од нашата држава, кои повеќе децении живеат во овие општини во Република Турција, како и за можностите за продлабочување на соработката во духот на традиционално добрите пријателски односи со оваа земја.
Посакувајќи им добредојде во Република Северна Македонија и во МВР, министерот Спасовски изразил задоволство за можноста да се сретнат и поразговараат, „не само како пријатели, туку и два братски народа, чувство што го делат и граѓаните на двете земји“.
– Многу ми е драго што нашите граѓани кои живеат во Турција, а потекнуваат од тука, се мостот што уште повеќе нѐ зближува сите нас. Сметам дека на нас, како држави, ни преостанува само да работиме што е можно повеќе, ова наше пријателство и партнерство да го зајакнеме и да се стремиме заеднички да создадеме подобри услови за граѓаните на двете држави. Секогаш треба да го почитуваме нашето минато, традицијата и културата, меѓутоа секогаш да размислуваме за иднината. Им благодарам на сите наши сограѓани кои живеат во Турција, прво, затоа што се лојални на Турција, заради тоа што ја сакаат и почитуваат Турција, но ја сакаат и почитуваат и Република Северна Македонија, истакнал меѓу другото министерот.
Од страна на гостите од Турција била изразена благодарност за минатогодишната посета на Спасовски на Измир, меѓу македонските иселеници кои живеат таму, со што лично министерот придонел за зајакнување и зближување на двата народа.
Градоначалникот на Каршијака, Џемил Тугај напоменал дека локалната самоуправа ќе создаде уште повеќе услови за зголемување на мостовите на пријателство и одржување на културната традиција.
– Наша желба е да се формира конзуларно претставништво во Измир, рекол градоначалникот на средбата, а министерот изразил уверување дека во разговор со Министерството за надворешни работи, ќе се најде начин нашинците во тој дел да имаат свое место, каде ќе можат да се обратат за што било.
Градоначалникот на Тургутлу, Четин Акин, пак, напоменал дека во тој дел 30 отсто од вкупното население се македонски иселеници и дека тие прават сѐ за да овозможат децата да учат и да следат културно-уметничка програма од својата земја, од каде потекнуваат.
– Претставниците од здруженијата на македонските иселеници, пренесувајќи топли поздрави од тие краишта, побараа начин за стекнување со државјанства, на што министерот напомена дека сите оние кои ќе ги исполнат условите, ќе им биде позитивно одговорено на нивните барања. Министерот Спасовски и во оваа прилика упати благодарност до двајцата градоначалници за поддршката што секојдневно ја даваат на иселениците од Република Северна Македонија во Турција, се наведува во соопштението.
Министерот рекол дека најважната работа е токму во „тој дел, да се поддржи и културата, јазикот и традицијата“. – Тие ако опстојат, опстојува сѐ, навел Спасовски изразувајќи задоволство што минатата година бил таму, посебно затоа што е прв министер кој бил и им дал поддршка на нашинците во Измир.