Службите на Владата, МВР, МНР, МЗ и Црвениот крст со целосна поддршка и грижа за првата група граѓани на Авганистан


Првата група од 149 граѓани на Авганистан синоќа пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје. Станува збор за вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на „Транспаренси интернешнал“ (Transparency International), „Светски економски форум“ (World Economic Forum) и други меѓународни организации, информира Владата.


 

-Од моментот на пристигнувањето, тимови на Министерствата за здравство и внатрешни работи и екипи на Црвениот крст се постојано ангажирани за да им помогнат на овие граѓани, кои беа животно загрозени од талибанските структури, да се чувствуваат безбедно и пријатно во Северна Македонија, соопшти Владата.

Волонтери на Црвениот крст, севели во соопштението, им поделија пакети со вода, заштитна маска, средство за дезинфекција, маски, основни хигиенски производи, облека како и флаери за мерките во нашата држава поврзани со КОВИД-19 вирусот.

-Во хотелот им беа дистрибуирани пакети за добредојде со дополнителни количини маски, средства за дезинфекција, инфо материјали за градот Скопје, мапа на град Скопје, евидентни листови за посебни барања во однос на здравствената состојба, картички со телефони на Црвениот крст за итни состојби и кутија локум. Црвениот крст во хотелот има 30 дежурни лица, волонтери организирани во три смени кои се на располагање на граѓаните. Учествуваат во подготовка на детско катче, подготовка на инфо катче со 10 лаптопи и интернет пристап. Тие ќе се грижат за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, обувки. Ќе бидат вклучени во активности  за спојување на семејствата, и за да пружат медицинска заштита во однос на лекови за хронична терапија. По барање и потреба на граѓаните на располагање има и психолог, порачуваат од Владата.

Екипи на Итната медицинска помош, прецизираат, синоќа згрижија трудница која е однесена на Клиниката за гинекологија и акушерство. Таа денеска се породи и заедно со бебето е во добра состојба.

-Во друг случај е укажана помош на жена која колабирала при слегување од авионот и таа е во стабилна состојба и се чувствува добро. Во текот на наредните денови заедно со ПЦР тестовите  ќе се направат и прегледите за проценка на здравствената состојба на граѓаните од Авганистан. Планирани се интернистички прегледи за повозрасните и педијатриски преглед за децата. Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина, истакнуваат од Владата.

Министерството за внатрешни работи, додаваат,  се грижи за безбедноста на овие луѓе, но и за подготовка на документацијата, визи за престој на територијата на Република Северна Македонија  во времетраење од 90 дена.

-Извршени се потребните гранични процедури и на лицата им е издадена виза за престој на територијата на Република Северна Македонија во времетраење од 90 дена. Од Аеродромот до хотел „Белви“ лицата се спроведени со потребното сообраќајно и ескортно обезбедување, посочуваат од Владата.

Нагласуваат дека институциите прават сѐ топлото добредојде, солидарноста и поддршката за спасување животи да ги следи овие луѓе за време на целиот привремен престој до заминување кон САД или трета земја како нивна крајна дестинација.

-Северна Македонија покажува отворено срце, помагаме на граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан, а сега се животно загрозени од радикализмот. Владата презеде обврска да обезбеди привремен престој на 780 граѓани на Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, потенцираат од Вадата и додаваат дека трошоците за превоз и за сместување на овие граѓани ги покриваат меѓународните организации и САД.