Шекеринска: Северна Македонија како членка на НАТО ќе ја помага интеграцијата на земјите аспиранти од ЈИЕ


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска преку видео – конференциска врска учествуваше на состанокот на САД – Јадранската повелба, на кој се разговараше за темите од највисок интерес – справувањето со пандемијата на коронавирусот, предизвиците и можностите по пандемијата, добрососедството и регионалната соработка, справувањето со дезинформациите кои се и безбедносен ризик, како и кризниот менаџмент и важноста на евроатлантската интеграција.



Земјите – членки на САД – Јадранската повелба, соопшти Министерството за одбрана, го поздравија исполнувањето на стратешката цел на Северна Македонија – членството во НАТО. Министерката Шекеринска потенцираше дека Северна Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО за земјите аспиранти од Југоисточна Европа, чија интеграција е од големо значење за стабилноста на Европа и за целокупната евроатлантска безбедност.

Во заедничката изјава од министерскиот состанок, беше истакната цврстата заложба на земјите членки на Јадранската повелба да се развива регионалната одбранбена соработка, и да се поттикнат одбранбените и бeзбедносни реформи. Беше поздравена армиската поддршка на цивилните власти во справувањето со Ковид-19, и беше потенцирана важноста од регионална координација во справувањето со кризи. Во таа смисла, министерката Шекеринска ги покани земјите – членки на А5 да учествуваат на меѓународната вежба на Евро-атлантскиот центар за одговор на кризи, со над 2000 учесници, која наесен идната година ќе се одржи во Северна Македонија.

Северна Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, заедно со САД, како земји – членки на НАТО, ќе го предводат процесот за промоција на политиката на отворени врати на НАТО и за поддршка на земјите аспиранти од југоисточна Европа до полноправно членство во НАТО – беше заклучено на состанокот.

Зборувајќи за предизвикот со кој во моментов се бори целиот свет – пандемијата со Ковид-19, министерката Шекеринска информираше дека во Северна Македонија е прогласена кризна состојба, а Армијата е ангажирана во поддршка на здравството, полицијата и цивилните инстутуции. Регионалната соработка и размена на искуства во справувањето со пандемијата ќе ја подобри националната и колективна подготвеност за успешно справување со предизвикот.